Кога кинеската влада препорачува нешто

Објавено  Aug 30, 2013

Тагови: Кина, влада

Видување на странец во Кина

“Повеќето Кинези ќе ве убедуваат дека Кина денес е многу полиберална земја и дека владата не е строга како порано. Сепак начинот на кој тие ја доживуваат власта за нас е необичен. Во мај оваа година Кинеската влада објави на националната телевизија бројки според кои скоро половина од храната која Кинезите ја купуваат останува неискористена и се фрла в ѓубре. Владата препорача неколку мерки, од кои една беше: сите што јадат во ресторан со себе да си носат ќеси и да ги соберат остатоците од храната. Ова не е ништо необично никаде на светот. Сум присуствувал на многу кинески вечери и заклучив дека навистина премногу храна останува неупотребена, а заради начинот на кој се подготвува не изгледа практично ни да се спакува за дома.

Ден после објавата на информацијата присуствував на вообичаена официјална вечера со колегите, се најнормално како и секогаш, освен што на крајот на вечерта гледам “општа мобилизација”, околу 200 луѓе вадат ќеси од чанти и џебови и го собираат останатокот од јадењето. Прашувам: Зошто го собирате јадењето? Колегата до мене ми одговара: "Владата кажа дека премногу јадење се фрла и треба да го однесиме дома". Јас пак продолжувам: “Добро за тоа знам, ама... Вие зошто собирате”? Друг колега од спротивната страна си помисли не ја разбрав реченицата, па ми појасни: “Владата објави дека половина од јадењето се фрла и препорача да го собираме во ќеси”, што во суштина беше сосема истата реченица. Изгледа човекот не разбрал, што е тоа што јас не разбрав во концептот: владата препорача- ние правиме. Не знам дали се работи за почитување кон владата или Кинезите заклучиле дека едноставно советот бил корисен, факт е дека ниеден народ од западната хемисфера не би се замарал толку со препораките на владата”.

Би било интересно да се види дали ако македонската влада предложи ваква мерка, народот ќе исфрли повеќе од половина од храната, само за инает.

              

 Нај гласани »    Овој месец    Вкyлно

Оди горе