Бронзен медал и три пофалници за Македонија од Меѓународната математичка олимпијада во Јужна Африка
Објавено  Jul 12, 2014
55-тата Меѓународната математичка олимпијада се одржува од 3-ти до 13-ти Јули во Кејптаун, Јужна Африка
Ученикот Бојан Серафимов освои бронзен медал за Македонија на 55-тата Меѓународната математичка олимпијада која се одржува деновиве во Јужна Африка. Ова за него е втор медал, после бронзениот освоен на олимпијадата во Колумбија минатата година. Одличен успех постигнаа и учениците Стефан Николоски, Божидар Стеваноски и Јован Тасев, кои беа наградени со пофалница. Нашата држава ја претставуваа уште и учениците Андреј Илиевски и Теодора Бујаровска, како и лидерот на екипата Проф. Др. Весна Манова – Ераковиќ и заменик лидерот Проф. Др. Алекса Малчески. На олимпијадата учество зедоа 560 средношколци од 101 земја. Најдобар успех во генерален пласман оствари репрезентацијата на Кина, пред САД и Тајван. Претходно на Балканската олимпијада одржана во Плевен, Бугарија, македонската репрезентација во ист состав освои 2 медала од кои еден сребрен за Бојан Серафимов и еден бронзен за Стефан Николоски, како и пофалница за Божидар Стеваноски.