Преспанските угостители работат по “охридска школа”
Објавено  Sep 13, 2014
Повеќето од плажите на Преспанско езеро немаат тушеви, а за спасувачи не станува ни збор
Помина уште едно лето какво-такво. За некои од нас кои беа и останаа вљубеници во Преспанското езеро беше добро да се види дека народот почна да се враќа во Преспа. По брегот на езерото се уредени неколку плажи и како прво мора да се поздрави секој напор да се донесат гости во домашните туристички локалитети. Радува и фактот што голем дел од плажите беа релативно исполнети со гости. Сепак, многу работи недостасуваат за да може да се каже дека вкупната слика е позитивна. Голем дел од плажите немаат тушеви ни соблекувални, а за спасувачи не станува ни збор. Некои концесионери со намера да ги направат локалитетите поатрактивни донеле песок која не е соодветна за плажа, па секогаш кога некој ќе прошета по плажата остантите голтаат прашина. Голема предност во однос на Охрид е тоа што не се наплаќа паркинг, па така сте поштедени од додатни нервози и кавги. Најекспонирана плажа и оваа година е Дупени Бич до самата грчка граница, редовно посетувана од гости од Преспа и Битола. Плажата се чисти редовно, има терен за одбојка, а одвреме-навреме и забавна програма. Од друга страна пак, плажата нема тушеви, има едно импровизирано ресторанче и, вообичаено за овие простори, катастрофален тоалет во кој не било никогаш ни планирано да има тоалетна хартија. Се поставува прашањето, ако некој веќе вложува толку пари да уреди една плажа, зошто не ги среди овие ситни, но значајни работи? И колку е тешко да се направи едно WC во Македонија во 21-ви век? Друга популарна локација е Галакси во Претор. Овде рака на срце има солиден ресторан и бар, а лежалките се по пристапна цена со конзумација. Но, веднаш ќе ви падне в очи тоа што плажата воопшто не е исчистена ниту израмнета, полна е со отпушоци, расфрлана хартија и разни други отпадоци. Има само две малечки кофи (а не канти) за отпадоци, што значи сопствениците воопшто не ни планирале да имаат чиста плажа. А, баш изгледаше убаво на рекламата. Нема ни да бараме одговор на прашањето зошто на 10-тина метри од нас на плажата лежеа две тракторски гуми. Соседната плажа изгледа уредно и чисто, со бар-ресторан, тушеви и чисти тоалети, а тоа кај нас се смета за луксуз. Оддалеку сé изгледа добро, меѓутоа штом ќе стапнете на плажата ќе забележите дека половина од лежалките се искршени или оштетени. Авантурата започнува кога ќе се обидете да се разберете со вработените. Прво се обидовме да замениме некои од оштетените лежалки со здрави, а вработениот како првпат да гледа ваква операција се побуни со зборовите “ И шо е сега ова?”. Откако се разјасни комлицираната ситуација, дечкото ни објасни дека смееме да земеме само 2 лежалки и еден чадор, иако бевме тројца и побаравме да си платиме за 3 лежалки. Не ни паметам кога последен пат сме биле на плажа само двајца, а и не ми делуваше паметно концесионерот да диктира во колкави групи треба да доаѓаат гостите. Како што ни објасна вработениот, проблемот бил во тоа што ако земеме 3 лежалки, тогаш ќе има непарен број меѓу останатите, што до негде имаше смисла. Во тој момент, како нарачано, дојде уште една група луѓе и побара исто така 3 лежалки. Му објаснивме на дечкото дека сега има парен број лежалки и двете групи ќе земеме по 3 лежалки. Според бледиот израз на лицето сфативме дека дечкото не ја разбра во целост процедурата на поделба на лежалките, па се обидовме поесдноставно да му објасниме што ние е планот. Иако ни беа потребни 5 минути да расчистиме дека 3 x 2 е еднакво на 2 x 3, дечкото не ја разбра идејата, но сепак изморен од размислување, се согласи. Дојде моментот да се земе пијачката која е вклучена во цената заедно со лежалката, за дечкото да не изненади со информција дека се јавил газдата и рекол дека, бидејќи имало многу посетители нема да даваат пијачка. Ако не ја гледате логиката, не грижете се, не ја видовме ни ние. Ако една лежалка и сокче за 100 денари прават профит, тогаш нема никаква причина 100 лежалки да прават загуба по истата цена. Рака на срце, вработениот почна да го гризи совеста и реши да даде по едно кафе, најверојатно од Агроплод. Додека размислувавме каков е тој газда што му смета масовна посета на неговиот ресторан, воопшто не ни текна дека можеби вработениот го ограбува газдата со стратегијата: кафе за тебе-сокчето за мене. Нема да навлегуваме во теории на заговор, заклучокот е дека во туризмот кај нас не се работи сериозно. Во секое место фали по нешто: или плажата не е чиста или послугата не е љубезна или се лоши објектите. Прашањето е, колку е тешко во Македонија да се направи една работа како што треба. Ако сопствениците на плажите се професионалци, треба да знаат дека ова се елементарни работи кои мора да бидат исполнети, дури и кога се работи со домашни туристи. Ако газдите се почетници во овој бизнис, тогаш можат малку да прошетаат во другите држави и да видат како се работи таму, па нека донесат идеи и искуства кај нас. Вака, се добива впечаток дека се работи за луѓе кои само се обидуваат да заработат некоја пара со минимум вложен труд, а во тој случај не вреди воопшто ни да се дискутира. (Текстот не е лекториран)