Светот ќе се соочи со недостиг на вода до 2040-та година
Објавено  Sep 18, 2014
Две истражувања покажуваат дека до 2040 година нема да има доволно вода во светот за истовремено покривање на потребите за пиење за населението и побарувачката на вода за ладење на енергетските капацитети
Во голем број земји, енергетскиот систем е најголем конзумер на слатка вода од причини што за функционирање на големите капацитетите за производство на електрична енергија, како термо-електраните, е неопходна голема количина на вода за ладење. Најновите истражувања спроведени од Универзитетот Архус во Данска покажуваат дека доколку се продолжи со ова темпо на раст на населението и потрошувачката на енергија, светот до 2040-та година ќе се соочи со недостиг на вода. Ситуацијата може да е уште поалармантна поради фактот што повеќето енергетски системи дури и не регистрираат колкава е потрошувачката на вода. Единствените енергетски капацитети кои не бараат големи количини на вода за ладење, се ветерните и соларните централи, и од тие причини групата истражувачи од Архус препорачува што е можно побрзо да се заменат старати енергетски системи со одржливи извори на енергија. Според сегашните проекции, до 2020-та година околу 30-40% од светот ќе има недостиг на вода, а според истражувачите, климатските промени можат и додатно да ја влошат ситуацијата. Ова значи дека ќе мора сериозно да размислиме како ќе ја трошиме нашата вода во иднина, дали ќе ја трошиме за производство на енергија или како вода за пиење? Сепак, научниците даваат неколку идеи како да се реши овој проблем. Меѓудруго, се препорачува подобрување на енергетската ефикасност во потрошувачката и производството, подобра контрола на потрошувачката на вода, како и инвестирање во сончева и енергија на ветер. (Текстот не е лекториран) Image courtesy of xedos4 at FreeDigitalPhotos.net