Мојата чудна земја
Објавено  Jan 31, 2015
Од Facebook профилот на Методија Анѓелкоски
1. Луѓето во мојата земја не знаат дека „чудна“ и „чудесна“ имаат различна смисла. 2. Возат џипови низ град и протестираат против загадување. 3. Републиката е родена во антифашистичка борба, ама фашизмот не ѝ смета. Настрана што гласале, а право на глас - немале. 4. Од ајфон 6 пишуваат дека се сиромашни и бедни. 5. Слободно пишуваат дека им е забрането слободно да пишуваат. И пишуваат што сакаат. 6. Студентите протестираат против полагање испит. 7. Професорите протестираат против изработка на квалитетни трудови. 8. Пратениците си одат дома преку Јапонија. Со џип, пак. 9. Сите сакаат убави патишта, училишта и болници. Никој не сака да плати данок. 10. Никој не знае колку е среќен или мизерен. Мора да му кажат, па да се пофали со тоа. 11. Сите се Чарли Ебдо. Никој немаше поим што е тоа 5 минути пред терористичкиот напад на редакцијата. 12. Сите се восхитуваат на Матадорите во Шпанија. Им смета мртво куче како маска. 13. Хонорарите се поголеми од платите. Патните трошоци се поголеми од хонорарите. Треба да е обратно. 14. Поповите сакаат да ги признае црква која произлегла од нивната црква. 15. Топка не знаеме што е, ама за фудбал, ракомет и кошарка сме мастер-бластери. Сите освен играчите. 16. Сите се квалитетни кадри. Затоа сите сакаат во државно - квалитетно да се одморат после студиите, до пензија. 17. Сакаме капитализам - и власта да гради фабрики! 18. Сите невладини организации се владини или анти-владини. Трети не знам да има. 19. Сите сакаат чесно и правично општество. Подготвени се секого да го поткупат за да се постигне тоа. 20. Во фабриките и инвестициите што влегоа во последно време, работат духови. Како знам? Е па вака: Имаше 37% невработени. Сега има 27% невработени. Ама има 20% одселени од државава. 10% ви фалат? Епа духови се. Инаку како? 21. Сите сакаат демократија. Ако не мислите како нив, нема да ве сослушаат. 22. Дузина луѓе не сакаат да живеат покрај други националности. Затоа емигрираат во странство. 23. Секоја зима не изненадува снег. 24. Најжестоки борци „за Македонија“ се тие што си заминале од неа и немаат намера да се вратат. 25. Се гордееме со православните браќа - од кои никој не не признава за православни браќа. Со задоволство „Браќата“ би си ја поделиле Македонија и би го уништиле македонскиот народ. 26. Казните се високи, не може човек да е криминалец на раат. 27. Ако си виновен за нешто и ако си опозиција, казнет си зошто си опозиција. Ако си виновен за истото и си власт, казната магично исчезнува, освен ако си наивен па си платиш. 28. Ги спомнав бе патните трошоци на пратениците? 29. Сите сакаат туристи, никој не сака споменици и музеи. Туристите да си дојдат заради автобусите. Црвени се и лични. 30. Сите имаат кабелска и далечинско и им сметаат телевизиите што не им играат по нивната тарабука. Сите имаат маска цела година. Вевчанци само на 13-ти и 14 Јануари. Село, што би рекле Борјан или Латас. Пишува: Методија Анѓелкоски Текстот не е лекториран Image courtesy of Stoonn at FreeDigitalPhotos.net