Македонски графит на Берлинскиот ѕид
Објавено  Jul 06, 2013
На една фотографија од рушењето на Берлинскиот ѕид може да се види графит на македонски јазик
Ништо не ги симболизира поделбите кои настанаа во Европа по втората светска војна подобро од Берлинскиот ѕид. Додека за жителите на Источен Берлин секое приближување до ѕидот значеше скоро сигурна смрт, за младите од западната страна Берлинскиот ѕид претставуваше едно огромно сликарско платно на кое тие исцртаа илјадници графити, покривајќи го на тој начин сивилото на бетонот со вистински уметнички дела и лични пораки. На една од фотографиите кои ги прикажуваат последните моменти од неславната историја на Берлинскиот ѕид може да се види, за нас, интересен графит на кој на македонски јазик, со големи букви стои “ДАНИ ТЕ САКАМ!”. Не можеме да знаеме од оваа дистанца кој го напишал овој графит, ниту која била девојката што ја сакал, но сепак мора малку да им завидуваме што имале среќа еден историски момент да ја овековечи нивната љубов.